Доналд Трамп објави договори вредни над 200 милијарди долари меѓу САД и Обединетите Арапски Емирати, вклучувајќи и договор од 14,5 милијарди долари меѓу „Боинг“, „ЏЕ Аероспејс“ и „Етихад Ервејс“, ветувајќи зајакнување на врските меѓу САД и оваа држава од Персискиот Залив за време на повеќедневната посета на Блискиот Исток.
Белата куќа во четврток објави дека „Боинг“ и „Џенерал моторс“ добиле обврска од „Етихад ервејс“ за инвестиција од 14,5 милијарди долари за купување на 28 американски авиони „Боинг 787“ и „777X“, кои се напојуваат со мотори на „Џенерал моторс“.
„Со вклучување на авионите од следната генерација 777X во планот за флотата, оваа инвестиција го продлабочува долгогодишното партнерство во комерцијалната авијација меѓу ОАЕ и САД, поттикнувајќи го американското производство и извозот на американска технологија“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Извршниот директор на „Етихад“, Антоноалдо Невес, минатиот месец изјави дека компанијата планира да додаде 20 до 22 нови авиони во својата флота од околу 100 авиони оваа година, со цел проширување на флотата на повеќе од 170 авиони до 2030 година, со што ќе се поддржи стратегијата за економска диверзификација на Абу Даби.
„Етихад“, кој е во сопственост на инвестицискиот фонд ADQ од Абу Даби, вреден 225 милијарди долари, претрпе години реструктуирање и промени во управувањето, но се шири под водство на Невес.