Американскиот претседател Доналд Трамп повторно вмеша прсти во организацијата на Светското првенство во фудбал, тврдејќи дека може да наложи преместување на натпреварите од некои градови во САД, доколку процени безбедносен ризик. ФИФА возврати дека се надева сите 16 градови домаќини се подготвени и дека безбедноста е одговорност на владите.
Претходно, Трамп изјави дека шефот на ФИФА, Џани Инфантино, нема да се противи ако треба натпреварите да се преместат.
– Ако има безбедносен проблем, ќе го повикам Џани, кој е одличен, и ќе му кажам: „Ајде да го преместиме натпреварот“. И тој ќе го направи тоа многу лесно – рече Трамп пред новинарите.
Меѓутоа, ФИФА реагираше со смирен тон: „Се надеваме дека секој град домаќин ќе ги исполни условите и успешно ќе ги организира настаните. Безбедноста е приоритет, но таа е одговорност на владите“, соопшти организацијата.
Од друга страна, градоначалничката на Бостон, Мишел Ву, му возврати на претседателот.
– Голем дел од тоа е заклучено во договор, така што никој, дури и ако живее во Белата куќа, не може да го поништи – рече таа.
Светското првенство во фудбал треба да се одржи од 11 јуни до 19 јули 2026 година во 16 градови во САД, Канада и Мексико.
Трамп и Инфантино се сретнаа во понеделникот во Египет, каде што претседателот на моќната спортска организација им се придружи на политичките лидери од целиот свет за да разговараат за мировниот процес во Газа.
Администрацијата на Трамп неодамна ја распореди Националната гарда во неколку градови управувани од демократски противници, спротивно на желбите на локалните власти. Вашингтон тврди дека мерката била неопходна за борба против криминалот и левичарскиот активизам.