Претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе го добие еден од највредните подароци некогаш дадени на американската држава – луксузен авион „Боинг 747-8“, познат како „летечка палата“, кој ќе стане негов нов „Ер Форс Уан“.
Според Еј-Би-Си Њуз, авионот е подарок од кралското семејство на Катар, а неговата испорака се очекува за време на претстојната посета на Трамп на Блискиот Исток.
Авионот се одликува со раскошна внатрешност, вклучувајќи златни ѕидови, позлатен мебел, спална соба, салони, конференциски простории, мермерни бањи…
Според извори на медиумот, Трамп го разгледал авионот во февруари на аеродромот во Вест Палм Бич и лично го одобрил. Пред крајот на неговиот мандат, авионот треба да биде предаден на фондацијата на претседателската библиотека на Трамп.