Американскиот претседател Доналд Трамп часови пред почетокот на парадата за Денот на победата во Москва на 9 мајповика на 30-дневен безусловно примирје и рече дека разговорите со Русија и Украина продолжуваат.
„САД, под идеални услови, повикуваат на 30-дневен безусловен прекин на огнот. Се надеваме дека ќе се почитува прифатлив прекин на огнот и дека двете земји ќе бидат одговорни за почитување на овие директни преговори“, напиша тој на својата социјална мрежа „Truth Social“ во четврток.
Тој најави дополнителни санкции доколку не се почитува прекинот на огнот.
„Доколку прекинот на огнот не се почитува, САД и нивните партнери ќе воведат дополнителни санкции. Илјадници млади војници гинат секоја недела и секој треба да сака тоа да престане. Јас сакам да престане и САД сакаат да престане“, нагласи американскиот лидер.
Тој додаде дека како претседател ќе остане „посветен на обезбедување мир меѓу Русија и Украина, заедно со Европејците“ и дека „сето ова може да се направи многу брзо, а јас ќе бидам достапен во секое време доколку се потребни моите услуги“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп претходно во четврток, соопшти портпаролот на украинскиот претседател Сергеј Никифоров.
Зеленски изјави дека очекува Русија да се согласи со предлогот за 30-дневно примирје и дека му рекол на Трамп дека Украина е подготвена за преговори во кој било формат.