Палестинското милитантно движење Хамас треба да се однесува пристојно илиќе се соочи со сериозни последици, рече денеска американскиот претседател Доналд Трамп.
– Тие ќе бидат пристојни, а ако не бидат, ние ќе одиме и ќе ги искорениме – рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа, по потпишувањето на договор за ретки минерали со австралискиот премиер Ентони Албанезе.
Трамп рече дека „Хамас беше многу насилен“, но дека „веќе ја немаат поддршката од Иран“.
– Тие веќе немаат ничија поддршка. Мора да бидат добри, а ако не се добри, ќе бидат искоренети – заклучи Трамп.
Во Газа е на сила примирје меѓу Хамас и Израел, кое беше постигнато врз основа на Мировниот план на Трамп за Газа и ослободувањето на израелските заложници, кое беше поддржано од лидерите на 30 земји на самитот во Египет.
Според израелската армија, прекинот на огнот во неделата го прекршиле припадници на Хамас, кои излегле од тунел и отвориле оган врз израелските војници во близина на Рафа, на југот од Појасот Газа, по што израелската армија извршила неколку целни напади врз цели во Газа.