Трамп ги советува европските земји да ги избркаат сите мигранти што влегле нелегално

Lorita
By Lorita
13 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Во големо интервју за Политико, американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш јасно стави до знаење дека својата политика кон Европа и кон Украина ја гледа значително поинаку од повеќето европски лидери и неговите претходници во Белата куќа.

Политико во својата годишна анкета го именуваше Трамп за највлијателна личност што ја обликува Европа, а тој ја искористи можноста да ја нападне европската политика кон војната во Украина, миграцијата и НАТО, но и да испрати пораки до Москва, Киев и до Брисел.

Според него, Европа пропаѓа.

Русија е посилна, Украина губи територија

Зборувајќи за војната во Украина, Трамп без двоумење рече дека Русија е „во подобра позиција“ во преговорите.

– Не може да има сомнение за тоа. Русија е во посилна преговарачка позиција. Тоа е многу поголема земја. Ова е војна што никогаш не требаше да се случи. Да бев претседател, немаше да се случи – и во четирите години додека бев претседател, не се случи – рече Трамп.

Тој тврди дека војната би можела да се претвори во трета светска војна и дека, доколку тој не беше на власт, светот денес би имал „многу поголем проблем отколку што има сега“. Сепак, додава дека тоа е сè уште „огромен проблем за Европа“ и дека „не се решава добро“.

Трамп вели дека неговиот тим со месеци се префрла на Москва и на Киев со нацрти на мировен предлог и дека „луѓето околу“ украинскиот претседтел Володимир Зеленски ја поддржуваат најновата верзија, но дека Зеленски наводно сè уште не ја прочитал.

– Неговите луѓе се воодушевени од предлогот. Ми рекоа дека им се допаѓа, но тој сè уште не го прочитал. Мислам дека треба да одвои време да го прочита. Многу луѓе умираат. Зеленски мора да почне да прифаќа работи, затоа што е во губитничка ситуација – вели Трамп.

На прашањето дали Украина веќе ја изгубила војната, тој одговори дека „веќе изгубила огромен појас од крајбрежјето пред 10 месеци“ и дека овој појас сега е „уште поширок“.

- Advertisement -
Ad image

– Не можете да го наречете победа. Би ви покажал мапа, тоа е многу изгубена територија – рече тој.

„Време е да одржат избори“

Трамп отворено го обвинува Киев дека избегнува избори под изговор на војна:

– Мислам дека е време да одржат избори. Помина долго време. Тие зборуваат за демократија, но доаѓа момент кога тоа веќе не е демократија. Мислам дека украинскиот народ треба да има избор. Можеби Зеленски би победил, не знам. Но, изборите се важни – вели американскиот претседател.

- Advertisement -
Ad image

Тој тврди дека САД повеќе не ѝ плаќаат на Украина:

– Ова не нè засега. Нашата земја не исплатила никакви пари откако Бајден им даде 350 милијарди долари, толку глупаво. Да не им го дадеше тоа, можеби ќе се случеше нешто друго – рече тој, постојано фалејќи ја „храброста“ на украинските војници, но со заклучок дека „во одреден момент, величината обично победува“.

Омраза меѓу Путин и Зеленски и контроверзниот почеток на војната

Трамп голем дел од вината за застојот во мировните разговори ја префрла на личниот однос меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски.

– Нивото на омраза меѓу Путин и Зеленски е огромно. Тоа е една од причините зошто оваа војна е толку тешко да се реши – рече Трамп.

Тој ја повтори својата верзија за тоа како започнал конфликтот, дека „војната навистина започнала кога администрацијата на Барак Обама ѝ го дала Крим на Русија“.

Зборувајќи како „поранешен човек за недвижности“, тој го опишува Крим како „највредното парче земја во тој дел од светот, опкружено со море од четири страни, со најдобра клима и огромен потенцијал“. Трамп тврди дека Обама бил тој што „ја натерал Украина да се откаже од Крим“.

Трамп, исто така, ја раскажа својата верзија за првата средба меѓу Путин и Зеленски:

– Кога Зеленски првпат дојде и се сретна со Путин, му кажа две работи: Го сакам Крим назад и сакаме да се приклучиме на НАТО. Тој не го кажа тоа на особено убав начин. Тој е одличен продавач, го викам П. Т. Барнум. Успеа да го натера корумпираниот Џо Бајден да му даде 350 милијарди долари. И погледнете што доби – му недостасуваат околу 25 проценти од земјата – истакна Трамп.

Тој верува дека долго пред Путин постоел „неизговорен договор“ дека Украина нема да се приклучи на НАТО.

– Долго пред Путин, постоеше разбирање дека Украина нема да се приклучи на НАТО. А сега тоа се турка – вели Трамп.

За „слабата Европа“, миграцијата и војната

Најголемиот дел од интервјуто Трамп го посвети на критикување на Европа. Повеќето европски влади велат дека ќе „ја поддржуваат Украина сè додека не победи“, а тој го исмејува таквиот став:

– Тие велат дека ќе ја поддржуваат Украина сè додека не победи, а јас велам – сè додека не паднат. Ако тоа е она што го мислат, нека ја поддржат. Но, тие многу зборуваат, а малку прават – рече Трамп.

Тој тврди дека европските држави „не работат добро“ ниту во војната ниту во креирањето политики воопшто:

– Ги познавам сите многу добро. Некои ми се допаѓаат, некои не ми се допаѓаат. Познавам добри лидери и лоши, паметни и глупави – има навистина, навистина глупави. Европа не работи добро. Тие зборуваат премногу, произведуваат премалку – потенцира претседателот на САД.

Тој особено ја нападна миграциската политика на Европа, која ја опишува како „катастрофа“:

– Ако продолжат по овој пат, многу европски земји повеќе нема да бидат одржливи. Нивната имиграциска политика е катастрофа. Луѓето доаѓаат во Европа од целиот свет – не само од Блискиот Исток, туку доаѓаат од Конго, од затворите во Конго и од многу други земји. Ги пуштаат неконтролирано, не ги враќаат назад. Ова ја уништува Европа – предупредува Трамп.

Тој рече дека Шведска, која некогаш ја сметал за „најбезбедна земја во Европа, станала многу небезбедна земја“. За Германија рече дека направила „две огромни грешки – имиграција и енергија“.

Тој беше особено критичен кон градоначалникот на Лондон, Садик Кан:

– Имате градоначалник по име Кан. Тој е ужасен градоначалник, некомпетентен, но и одвратен, гаден човек. Тој заврши ужасна работа. Лондон е поинакво место денес. Го сакам Лондон, го сакам и мразам да гледам што му се прави – рече тој, додавајќи дека Кан останува на власт благодарение на новите мигрантски заедници кои гласаат за него.

За Париз рече дека е „различен град отколку што беше“:

– Ова е еден од најубавите делови на светот и мразам да гледам што се случува. Тие им дозволуваат на луѓето да влегуваат неконтролирано и неконтролирано. Ако сакаат да ги спасат своите земји, мора да ги избркаат сите што влегле нелегално – посочи тој.

За новата американска стратегија и отпорот кон актуелната европска политика

Администрацијата на Трамп неодамна објави нова стратегија за национална безбедност во која се наведува дека еден од столбовите на американската надворешна политика треба да биде „поттикнување на отпор кон моменталната европска траекторија во рамките на европските земји“. Документот предизвика шок во многу европски престолнини, додека Кремљ јавно ја поздрави промената како „позитивен чекор“ што е „во голема мера во согласност со визијата на Москва“.

Трамп го отфрла толкувањето дека има стратегија за ослабување на Европа:

– Немам визија за Европа, освен силна. Мојата визија е Америка на прво место. Но, имам очи и уши, добивам извештаи што никогаш нема да ги видите. И мислам дека она што се случува со Европа е ужасно и опасно. Европа би можела да стане сосема поинакво место – предупредува Трамп.

Во исто време, тој вели дека би „сакал да види силна Европа“, но со радикални промени, првенствено депортации:

– Мислам дека треба да ги избркаат луѓето што влегле нелегално во нивните земји. Ако не го сторат тоа, повеќе нема да имаат силни нации, а идеологијата ќе се промени затоа што луѓето што влегуваат имаат сосема поинаква идеологија – вели Трамп.

„НАТО ме вика тато“

Трамп, исто така, нагласи дека Европа премногу се потпира на САД за безбедноста и дека тој е тој што ги принуди своите сојузници да плаќаат повеќе за НАТО.

– НАТО ме вика тато – рече тој, потсетувајќи дека ги зголемил трошоците над претходната цел од 2 проценти од БДП.

– Тие не плаќаа 2 проценти, а сега плаќаат 5 проценти – вели претседателот.

Тој вели дека му се допаѓаат лидерите кои, според него, спроведуваат строги миграциски политики. Ги пофали унгарскиот премиер Виктор Орбан и властите на Полска.

– Виктор Орбан одлично ја заврши работата во врска со имиграцијата. Тој практично не пушта никого да влезе во земјата. Полска исто така добро ја заврши работата таму. Но, повеќето европски земји пропаѓаат, скапуваат – категоричен е Трамп.

Орбан претходно рече дека Трамп му ветил пристап до американски „финансиски штит“ вреден до 20 милијарди долари, но Трамп го негира тоа:

– Не му го ветив тоа, но секако тој праша. Она што можам да го кажам е дека тој многу добро ја завршува работата во врска со имиграцијата – рече Трамп.

Во врска со идното проширување на НАТО, Трамп вели дека „нема многу земји“ што би можеле да се приклучат, но потсетува дека „долго пред Путин, постоеше разбирање дека Украина нема да биде членка“.

Тој ја опишува Шведска, која неодамна се приклучи на Алијансата, како пример за земја што стана „опасна“ поради миграцијата, но не одговори експлицитно дека би ја исфрлил од НАТО.

Тој го нарекува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган „пријател“ и „цврста личност“ со која „брзо ги решава проблемите“ кога европските сојузници го замолуваат да посредува.

Деновите на Мадуро се избројани

Во Венецуела, Трамп вели дека „деновите на Николас Мадуро се избројани“, но одбива да открие дали би испратил американски сили на терен. Наместо јасен одговор, тој се враќа на изјавата дека Мадуро испратил „милиони луѓе“ во САД, вклучувајќи затвореници, дилери, нарко-босови и луѓе од психијатриски институции, и дека венецуелските банди продолжуваат да испраќаат дрога и „најлошите луѓе“ преку границата.

Тој ги оправдува контроверзните напади врз наводни бродови за дрога, тврдејќи дека „со секој потонат брод, тие спасуваат 25.000 американски животи“.

На крајот од разговорот, на прашањето дали има некој во Републиканската партија кој би можел да ја повтори неговата мобилизација на гласачи, Трамп одговори дека „се надева дека има“, но дека „никогаш не се знае додека не се тестираат“.

Тој потсети дека денес има „многу повеќе искуство отколку првиот пат“, го пофали својот сегашен кабинет како подобар од првиот и нагласи дека „патем ја уредува и Белата куќа“, вклучувајќи голема сала за бал што „се обидуваат да ја изградат 150 години“.

Share This Article