Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека можеби се ближи договор за иранската нуклеарна програма, изразувајќи оптимизам дека ќе се избегне воен удар врз иранските објекти.
– Нема да предизвикаме нуклеарна прашина во Иран. Мислам дека сме блиску до можен договор без да мораме да го направиме тоа. – рече Трамп по средбата со бизнис-лидери во Доха.
Ќе видиме што ќе се случи, додаде тој, но сме во многу сериозни преговори со Иран за долгорочен мир.
– Иран на некој начин ги прифати условите. Блиску сме до можен договор – рече Трамп.
Иран ќе го прифати договорот со САД, но да се укинат санкциите
Претходно, советникот на иранскиот ајатолах Али Шамкани изјави дека Техеран е подготвен да го прифати договорот со САД за иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, објави Ен-Би-Си њуз.
Тој наведе дека Иран ќе се обврзе да не произведува нуклеарно оружје, да ги отстрани резервите со високо збогатен ураниум, да збогатува ураниум само до нивоа, неопходни за цивилна употреба, а и да им дозволи на меѓународните инспектори да го следат процесот во замена за итно укинување на сите економски санкции.
Шамкани наведе дека Иран би потпишал договор со САД доколку бидат исполнети условите.
– Сè уште е можно. Ако Американците го направат тоа што го кажуваат, дефинитивно можеме да имаме подобри односи – истакна Шамкани.
Администрацијата на Трамп усвои политика на „максимален притисок“ врз Иран и воведе нови санкции додека преговара со Техеран.
Трамп на 7 март испрати писмо до иранските власти предлагајќи преговори со цел да го спречи Техеран да развие нуклеарно оружје, заканувајќи се со воена интервенција. Иранските власти одговорија дека се против директни преговори под „максимален притисок и закани“, но оти се отворени за индиректни контакти.
Иран и САД немаат дипломатски односи од 1980 година, а американските интереси во Иран ги претставува Амбасадата на Шведска.