Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е посветен на „купување и преземање“ на Газа и дека другите земји од Блискиот Исток би можеле да помогнат во нејзината обнова, објави Би-Би-Си.
– Посветен сум да ја купам Газа, никој нема да ме одврати од неа, ќе биде убава. Што се однесува до нејзината обнова, можеби ќе им препуштиме на другите држави на Блискиот Исток да обноват делови од регионот, разурнат од војна – изјави Трамп.
Тој одговарал на прашања на новинари на „Ер Форс 1“, додека патувал до Суперболот во Њу Орлеанс во неделата.
– Други би можеле да го направат тоа под наш надзор. Но, ние сме посветени да ја преземеме, да ја контролираме и да се погрижиме Хамас да не се врати. Таму веќе нема ништо во што може да се вратат. Тоа место е руина, а останатото ќе биде срамнето – додаде претседателот на САД.
Трамп ја опиша Газа како „најопасното место за живеење во светот“, но рече дека ќе се трансформира во „одлично место за иден развој“.
– Ќе дозволиме другите земји да развијат делови од него. Ќе биде убаво. Луѓето од целиот свет ќе можат да дојдат и да живеат таму. Но, ние ќе се погрижиме за Палестинците. Ќе се погрижиме да живеат убаво, во хармонија и во мир и никој да не ги убива – рече тој.
Трамп првпат го објави својот план за преземање на Газа пред речиси 1 недела, по состанокот во Белата куќа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Земјите како Јордан, Саудиска Арабија, Франција, Шпанија, Ирска, Германија, Турција, Иран и Бразил изразија противење на какво било принудно раселување. Австралија, Русија и Кина нагласија дека решението е во формирањето 2 држави. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека „од суштинско значење е да се избегне каква било форма на етничко чистење“.