Background

Трагедијата како огледало на системот

Трагедијата во Кочани отвори длабоки рани во македонското општество и повторно нѐ соочи со болната вистина – дека нашиот систем реагира само кога е предоцна. Зарем навистина мора секогаш да се случи трагедија за да почнеме да поставуваме прашања за корумпираноста на институциите?
Историјата на Македонија е испишана со трагични настани кои, за жал, следат предвидлив шаблон. Во првите две недели по несреќата, јавноста врие од гнев и бара правда, политичарите даваат силни изјави, а институциите ветуваат темелни истраги. Но потоа? Потоа сѐ се враќа по старо. Доволно е да се потсетиме на трагедијата во Ласкарци со Дурмо Турс – кој денес ја споменува? Каде се обвинетите? Каде се институционалните реформи кои требаше да следат?
Случајот со ноќните клубови во Охрид е уште еден пример на системски неуспех. Како е можно во магацин со капацитет од 1500 луѓе да се дозволи организирање на настан со 7000 посетители? Одговорот на поранешниот началник на СВР Охрид, Жарко Лазоровски, дека “МВР не била надлежна за лиценците” е класично префрлање на одговорноста. Кога поранешниот командир на ПС од ОН Охрид со својата екипа врши обезбедување на истиот клуб, тогаш границата меѓу надзорот и корупцијата станува непрепознатлива.
Трагедијата во Кочани не е само несреќа – таа е суров приказ на системската корупција во Македонија. Цената што ја плативме како општество е превисока, а не постои судска пресуда која може да го врати изгубеното. Но уште пострашно е прашањето – која ќе биде следната цена?
Колку жртви ќе бидат потребни за да се соочиме со проблемот на нелегалните градби? Што ќе се случи ако земјотрес погоди некоја од многубројните повеќекатници без технички прием или употребна дозвола? Колку се такви згради во Македонија – илјадници?
Паметните се учат на туѓите грешки, но ние во Македонија 30 години се учиме на сопствените и сепак не извлекуваме поуки. Трагедијата во Кочани мора да биде повеќе од уште една црна статистика. Таа мора да биде пресвртница во начинот на кој функционираат нашите институции, во начинот на кој ги избираме нашите лидери и, најважно, во начинот на кој ја разбираме одговорноста – и личната и колективната.
Корупцијата не е апстрактен проблем – таа има конкретни, трагични последици. И додека не се соочиме со тоа, ќе продолжиме да броиме жртви.

Сашо Денесовски

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation