Background

Тошковски за ИБНА најави разговори за побрз проток на патници на Богородица – Евзони

Тоа што се случува со европскиот процес е повеќе од застој, тоа е неправда. Европската идеја не смее да се сведува на билатерални уцени, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервјуто за Независната балканска новинска агенција (ИБНА) и ја истакнува посветеноста на Владата на европските реформи на патот кон ЕУ, но и нагласува дека време е Европа да се соочи со прашањето: дали регионот навистина е дел од нејзината иднина и ако е така „тогаш вратите треба да се отворат со почит и партнерство, а не со нови барања и условувања“, јави дописничката на МИА од Атина.

Интервјуто на министерот за ИБНА е за време на неговата посета на општината Преспа во Грција, во четвртокот, кога започнаа работите за изградбата на граничниот премин Маркова Нога – Лемос во делот на грчка територија, а Тошковски говори и за ЕУ перспективата на земјава, за соработката со Грција, за мигрантското прашање, за Договорот од Преспа, но и за случуваењата во владината коалиција и нагласува дека „Владата е стабилна“.

За новиот граничен премин, Тошковски вели дека е повеќе од инфраструктурен проект, „тоа е симбол на зрелост, одговорност и европска перспектива“, но и доказ дека можеме да ја градиме иднината врз основа на заеднички интереси што ги носат нашите држави поблиску до Европа.

- Advertisement -
Ad image

– За регионот на Преспа, ова значи нова енергија и економска и туристичка и културна. Локалните заедници на двете страни на границата добиваат нова шанса за развој, а државите покажуваат зрелост и визија. Овој премин нема да ги поврзува само двете држави, тој ќе ги поврзува луѓето, историите, природата и иднината претставувајќи вистински европски пример за прекугранична соработка – истакнува министерот.

Паралелно тој се осврнува и на неговото портфолио и соработката со јужниот сосед, нагласувајќи дека „и покрај политичките турбуленции во минатото, полициската соработка меѓу двете земји е на навистина високо ниво“.

Министерот додава дека двете министерства за внатрешни работи имаат активна, континуирана и практично ориентирана комуникација, особено, како што вели тој, во делот на размена на информации, заеднички оперативни активности и справување со прекугранични закани, а се осврнува и на разговорите со грчка страна за ситуацијата на граничниот премин Богородица – Евзони, нешто што беше и на агендата на неговата средба во Преспа со министерот за внатрешни работи на Грција Теодорос Ливаниос.

– Во наредниот период планираме да го интензивираме дијалогот со грчката страна за изнаоѓање одржливи решенија кои ќе го забрзаат протокот на патници на граничниот премин Богородица – Евзони, бидејќи токму тој е главната комуникациска артерија, не само за нашите граѓани, туку и за туристите и транспортните оператори од целиот регион. Брз и ефикасен премин таму е прашање на економија, на безбедност и на европска интеграција во пракса – објасни министерот.

Тошковски позитивно ја оценува соработката со Грција и во однос на мигрантското прашање за кое објаснува дека, ние, како земја се наоѓаме на една од клучните миграциски рути кон Европа и поради тоа имаме сериозна улога во справувањето со овој предизвик, а иако не сме членка на ЕУ, „постапуваме како вистински партнер, професионално, одговорно и во интерес на регионалната безбедност“.

– Со грчките власти постои оперативна комуникација, особено во делот на размена на информации и координација на активности. Но, реалноста е дека миграцискиот притисок најсилно се чувствува на нашата територија, каде што нашите сили ја вршат работата на првата линија. И со сигурност можам да кажам дека тоа го прават многу успешно, објаснува министерот и додава дека македонската полиција секојдневно ја штити јужната граница на Европа, што е „наш конкретен придонес кон европските вредности, не декларативно, туку на терен, со реални резултати“.

Во интервјуто за ИБНА, како што пренесе МИА, министерот говори и за ЕУ перспективата на земјава, по бугарските барања, велејќи дека тоа што се случува во европскиот процес е повеќе од застој, тоа е неправда, но и дека „европската идеја не смее да се сведува на билатерални уцени“.

– Како Влада, ќе продолжиме да работиме на реформите, на владеење на правото, на борба против корупцијата, не затоа што некој ни го наметнал тоа, туку затоа што тоа е потребно за нашето општество. Но, истовремено, ќе го кажеме јасно и достоинствено нашето „доста е“. Време е Европа да се соочи со прашањето: дали Западниот Балкан навистина е дел од нејзината иднина? Ако одговорот е да, тогаш вратите треба да се отворат со почит и партнерство, а не со нови барања и условувања – нагласи Тошковски.

За Договорот од Преспа тој објаснува дека ставовите на партијата се „добро познати и тие не се менуваат од денес за утре“, но посочува дека „кога станува збор за водење на државата, одговорноста е поголема од емоцијата“.

– Како Влада, целосно ги знаеме меѓународните обврски кои треба да се почитуваат, пред сè за да се заштити државата од нови кризи и блокади. Тоа значи дека, без разлика на нашите лични или политички ставови, ние ќе постапуваме државнички, достоинствено и со јасна цел да обезбедиме стабилност, просперитет и европска иднина за нашите граѓани – објасни министерот.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation