„Сакам да упатам една јасна порака до македонските граѓани, а тоа е дека време кога пајакот и кабелот беа криви заврши. Македонските граѓани можат да направат разлика и за она што досега е спроведено, во споредба на што досега било правено претходно. Мислам дека на секој еден од нас му е јасно дека разликата е огромна, дека за разлика од претходно со оние три, четири трагедии коишто цело време се споменати во јавноста, каде што имавме повеќе од седумдесеттина жртви. Во минатото МВР немаше поднесено никаква кривична пријава до Јавното обвинителство. Во минатото МВР, немаше ниеден осомничен којшто би требало да го процесуира предметот и да го даде на понатамошна обработка на Јавното обвинителство“.
Вака истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на заедничка прес-конференција со државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во врска со проширената истрага за трагедијата со пожарот во Кочани.
Истрагата се проширува за 19 нови лица и сите од ни се осомничени за Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Од нив, за 4 осомничени е предложена мерка притвор, за 7 осомничени мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, додека за уште 7 се предложени мерки за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата.
Тошковски образложи дека не смее да се дозволи истрагата да биде под влијание на политичките препукувања од недобронамерниците кои сакајќи на гневот на македонските граѓани да заработат некој политички поен, можат да го изместат текот на настаните во непосакувана насока од аспект на спроведување на законита, темена и професионална истрага од страна на органите на прогонот.
– Нема да го дозволиме тоа. Ќе продолжиме и понатаму да работиме и за секој еден што ќе биде утврдено каква било причинско последична врска со предметниот кривично правен настан каде што загинаа 61 млад човек, ќе биде преземено соодветно дејствие, во рамки на законските надлежности коишто се дадени, како на Министерството за внатрешни работи, така и на Јавното обвинителство – нагласи на крај министерот Тошковски.