Тројца тинејџери, навивачи на финскиот клуб Хака, предизвикаа голем пожар на стадионот „Техтас“, при што целосно изгоре една трибина, а беше оштетен и теренот со вештачка трева. Иако едно од момчињата признало дека го започнало пожарот, никој од нив нема да се соочи со кривична одговорност, бидејќи сите се под 15 години.
Детективката Мајјастина Тамисто објаснува дека тоа не значи дека нема да има последици.
– Отсуството на кривична одговорност не значи ослободување од обврска за надомест на штета. Во Финска, нема минимална возраст за одговорност за штета – рече Тамисто.
Таа додаде дека случајот треба да биде потсетник дека несоодветното и опасно однесување може да доведе до сериозни последици.
Според информациите, пожарот бил мотивиран од разочарувањето на тинејџерите по испаѓањето на Хака од највисоката финска лига. Клубот ја заврши сезоната на последното место со само 17 бода од 27 натпревари, иако историски е еден од најтрофејните клубови во земјата со девет титули, 12 Купови и долг список на меѓународни настапи.
Претседателот на клубот, Марко Лаксонен, изјави дека штетата доаѓа во најлош можен момент.
– Секако не ни требаше ова, тоа е јасно. Добиваме голема поддршка, и ќе продолжиме да ни треба и понатаму – вели претседателот.
Стадионот „Техтас“ е сопственост на градот, па локалните власти ќе ја водат реконструкцијата.
– Навистина сме тажни поради пожарот на стадионот Техтас. Ова е омилено место за жителите на Коски. Сега треба да утврдиме што е потребно за да го вратиме теренот во состојба погодна за игра – изјави претседателот на градскиот совет, Џони Кумландер.
Трибината која примала 400 гледачи е целосно уништена и ќе мора да се изгради одново, а и теренот бара темелна санација. Претходниот капацитет на стадионот бил околу 3.200 седишта.




























