Тивката опасност – Зградите на урбаната мафија додека Македонија тагува
Додека сè уште Македонија тагува за жртвите во дискотеката “Пулс” во Кочани, надлежните инспекторати конечно се разбудија од својот корумпиран сон и започнаа со работа. Како што народот вели – стравот лозје чува.
Но, не е сè труло само во дискотеките и кабареата. Има нешто потруло и многу поопасно, нешто за што се молчи со години. Во Северна Македонија постојат, а за жал и сè уште се градат, индивидуални стамбени згради на таканаречената “Урбана Мафија”.
Овие градби, висококатници кои се веќе вселени, не поседуваат употребна дозвола. Станарите немаат имотни листови, наводно затоа што изведувачите “чекале легализации”. Во голем дел од овие згради нема хидрантни мрежи, нема употребна дозвола за вградени лифтови, а во дел од нив воопшто нема вграден лифт – се “чекале подобри времиња”, додека дупките предвидени за лифтови се затворени со штици!
Ситуацијата е алармантна. Граѓаните живеат во објекти без основна противпожарна заштита и без елементарни безбедносни услови. Стотици семејства секојдневно се изложени на ризик, живеејќи во згради што не ги исполнуваат ни минималните стандарди за безбедност. Наместо да се спречи ваквата практика, таа продолжува пред очите на надлежните институции.
Трагедијата во Кочани треба да биде повик за будење – не само за дискотеките и кабареата, туку и за сите нелегални и небезбедни објекти во земјата. Потребна е итна акција, сеопфатна инспекција и храброст да се справиме со урбаната мафија пред да се случи нова трагедија.
Што правиме? Чекаме уште една несреќа или конечно ќе проговориме за тоа што сите знаат, но никој не се осмелува да каже на глас?
С.Денесовски