Телото за инспекција на броила за електрична енергија на Електродистрибуција кое е акредитирано по меѓународни стандарди врши проверка на исправноста на броилата по барање на корисниците.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска вчера го посети ова тело, чија работа опфаќа редовна и вонредна проверка на броилата, метролошка контрола на нивниот квалитет, како и вонредна инспекција на исправноста на броилата (А-тест) со цел да се обезбеди точност, сигурност и доверливост при мерењето на потрошената електрична енергија.
Посетата произлезе по реализација на 13-тата редовна надзорна оценка на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија и Бирото за метрологија при Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кои повторно годинава потврдија дека Телото за инспекција на броила целосно ги исполнува барањата на меѓународниот стандард МКС ЕN ISO/IEC 17020.
Министерката Божиновска, во придружба на директорот на Бирото за метрологија, Седад Рушани, ја разгледа опремата што се користи во лабораторијата, вклучувајќи ги и седумте современи испитни станици произведени од германската компанија ЕМХ. Тие се запознаa со професионалниот тим кој секојдневно обезбедува прецизни, сигурни и транспарентни метролошко испитувања на броилата.
– Нашата земја располага со висококвалификувани лаборатории кои работат според највисоките меѓународни стандарди. Прецизното испитување на броилата е клучен сегмент во создавање доверба кај потрошувачите, бидејќи секој граѓанин треба да биде сигурен дека плаќа за реално потрошена енергија. Резултатите од последната надзорна оценка потврдуваат дека Телото за инспекција на броила на Електродистрибуција е пример за професионализам и транспарентност. Ваквите лаборатории мора да бидат модерни, сертифицирани и кредибилни, за граѓаните да знаат дека постои место каде можат да ја проверат исправноста и точноста на своето броило. Тоа е прашање на фер однос, доверба и јавен интерес – рече Божиновска.
Менаџерскиот тим на Електродистрибуција нагласи дека компанијата ќе продолжи да вложува во развој на технологијата и обуката на стручниот тим со цел да ја задржи високата прецизност и објективност во процесот на испитување на броилата со највиски стандарди на квалитет.
Од 2012 година кога Телото за инспекција на броила прв пат било акредитирано, компанијата успешно ја обновува акредитацијата пред највисоките државни тела, секогаш со позитивна оценка.
– Во Електродистрибуција вложуваме во знаење, технологија и системи кои обезбедуваат точност и објективност во процесот на испитување на броила. Во овој процес секој детал е важен, од најсовремената опрема до стручноста на тимот кој стои зад секоја проверка – истакна менаџерскиот тим на Електродистрибуција.
Тимот на Електродистрибуција пред присутните детално ја презентираше технологијата, процесите и постапките кои се практикуваат во насока на спроведување на активностите поврзани со проверка и метролошко тестирање на броилата.





























