На денешната 65-та владина седница беше усвоена Програмата за изградба на нови објекти и реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат јавните установи во областа на културата за 2025 година.
Со оваа програма се предвидени 11 проектни активности кои ќе се реализираат од страна на Министерството за култура и туризам и Националните установи од областа на културата.
„Оваа програма претставува значаен чекор за унапредување на културната инфраструктура во земјата. Со реализацијата на предвидените проекти ќе се создадат подобри услови за работа на културните институции и ќе се овозможи поквалитетно уживање во културните содржини за граѓаните“, изјавија од Владата.
Програмата предвидува продолжување на градежните работи за изградба на нов објект наменет за театар и библиотека во Тетово, како и изградба на објектот на НУ Турски театар – Скопје и изградбата на Стар Театар во Струмица. Дополнително, ќе продолжи реконструкцијата на театарот во Куманово, а ќе започне реконструкција на објектот на НУ Музеј на Македонија. Истовремено, ќе се изврши реконструкција, санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“ во Битола, кое е во рамки на НУ Народен театар – Битола.
Финансиските средства за реализација на активностите од Програмата се предвидени во Буџетот на Министерството за култура и туризам за 2025 година и изнесуваат 123.775.000 денари.