Taткото на загинатата Фросина Кулакова, Тодор вечерва во Дневникот на телевизија Сител се заблагодари на сите граѓани кои излегоа на протестите.
Тој рече дека има сознанија дека Васил Јованов, кој смртно ја прегази неговата 22-годишна ќерка, се планира да го сместат во друга институција.
– Бараме ова веднаш да се спречи. Ако бил ненормален имало време кога да се констатира. Ова покажува дека ниту тој, ниту неговите родители немаат зрно каење – рече таткото.
Кулаков вели дека таа кобна ноќ, три часа по трагедијата на Партизанска не се појавил обвинител.
Тој бара и родителите на Васил да одговараат и истакна дека неказнивоста создава вакви монструми.
Кулаков најави нови, помасовни протести пред институциите и бара максимална казна за момчето кое ја прегази Фросина.
– Поради повеќето дела што ги има сторено а на крај и заради прегазувањето на Фросина, Јованов треба да добие доживотен затвор – вели Тодор Кулаков.