Министерот за здравство и член на Коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, изјави дека е време да се отворат сите нерешени прашања од минатото, вклучувајќи ја и промената на државниот грб.
Тој нагласи дека Владата е подготвена за разговори со цел конечно решавање на овие прашања.
– Подготвени сме да разговараме за сè! За жал, многу осетливи теми беа игнорирани во изминатиот период. Сакаме да отвориме пакет мерки со кои ќе ги решиме сите нерешени прашања од последните 20-30 години – рече Таравари, посочувајќи дека меѓу тие прашања треба да бидат и државниот грб, химната, „20 отсто“ и други етнички теми.
Тој додаде дека, по затворањето на овие прашања, државата ќе може да се фокусира на економијата, евроинтеграциите, антикорупцијата, зголемувањето на платите и подобрувањето на животниот стандард.
На прашањето каков треба да биде новиот грб, Таравари одговори дека Коалицијата ВРЕДИ сè уште не ја отворила таа тема.