Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска ќе ги посети пациентите кои се наоѓаат во Солун и во Софија, а кои беа дел од критичната група од несреќата во Кочани. Според информациите, пациентите се надвор од животна опасност.
На денешната прес-конференција пред Ургентниот центар на комплексот клиники во Скопје „Мајка Тереза“ министерот рече дека „тоа што зависи од нас е направено“.
– Да бидеме внимателни и да им се даде максимална медицинска поддршка. Тоа што зависи од нас е направено комплетно. Се надевам дека и земјите, кои ни се пријатели и сакаат да ни помагаат, ќе дадат максимум од себе – изјави Таравари.
Тој информираше дека од трите нови пациенти од Кочани, двајца се во Клинички центар, а еден во болницата „8 Септември“.
– Болниците во Кочани и во Штип остануваат без пациенти, како што беше стратегијата да ги повлечеме во Скопје за третман на ниво на терциерно здравство – рече министерот.
Таравари дополни дека во Скопје има 84 пациенти, а до крајот на денот уште 26 треба да се испратат во други држави: Словенија (4), Хрватска (4), Австрија (6) и Белград (12). Вкупно во Македонија ќе останат 58 пациенти.
– Состојбата е стабилна. Континуирано добиваме информации од сите болници во кои се сместени пациентите – додаде министерот.
Во пожарот, што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и во странство.