Големо свлечиште на единствениот пристапен пат што води низ централниот дел на Галичник сериозно го загрозува безбедното движење на жителите, посетителите и туристите, алармираат од Месната заедница Галичник.
„Патот, кој е од витално значење за комуникацијата и секојдневниот живот во Галичник, е сериозно оштетен, со потенцијал целосно да се прекине пристапот до нашата заедница“, соопштуваат од МЗ Галичник.
Од таму предупредуваат дека ситуацијата претставува директна опасност за безбедноста на луѓето и за нормалното функционирање на сите активности во ова културно-историско место.
Особено загрижува фактот што се ближи летната сезона, период кога Галичник традиционално привлекува голем број гости и се одржуваат бројни културни настани.
„Галичник, како културно наследство од национално значење и симбол на традицијата и историјата на Македонија, не може да си дозволи ваков прекин. Апелираме до надлежните институции за итна интервенција и санација на патот, како и до медиумите да помогнат во подигање на јавната свест за сериозноста на ситуацијата“, додаваат од Месната заедница.