Јасна Тоновска, асистентка и докторантка на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” е добитник на годинашната награда за млади истражувачи на Народна банка.
Нејзиниот истражувачки труд „Волатилноста на меѓународните финансиски текови: импликации за македонската економија” открива дека изразената променливост на меѓународните финансиски текови носи ризици за економските остварувања во земјата, особено на среден рок, при што се заклучува дека макропрудентните мерки претставуваат ефикасен инструмент за ублажување на негативните ефекти од оваа променливост, којашто станува особено изразена по 2020 година, како резултат на засилената светска неизвесност и сѐ поголемите геополитички тензии.
Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.
Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 33-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка.
Во изминатите деветнаесет години, преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност на младите во областа на макроекономијата и банкарството, со што се зголемува нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на политиките.