Повеќе од 10.000 луѓе на Филипините денес се засолнија во училиштата и центрите за евакуација, бидејќи моќниот супертајфун Рагаса, придружен со обилни дождови и екстремни ветрови, се приближува кон северниот дел од земјата и јужна Кина. Во меѓувреме, кинеските власти во градот Шенжен планираат да евакуираат дури 400.000 жители.
Се очекува тајфунот, кој добива на сила додека се движи кон јужна Кина, да стигне до ретко населената филипинска група острови Бабујан напладне по локално време. Островите се наоѓаат во Лузонскиот теснец, околу 740 километри јужно од Тајван, каде што се спроведени евакуации, но во помал обем.
Филипинската национална метеоролошка служба објави дека центарот на бурата, која се движеше кон запад кон Бабујан, регистрирал ветрови од 215 километри на час, со налети што достигнуваат 265 километри на час.
Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос објави дека ја следи ситуацијата и дека сите државни агенции се подготвени да помогнат каде што е потребно.
Во Тајван, метеоролозите предвидуваат можност за екстремно обилни дождови на истокот од островот. Евакуации се одвиваат во планинските области во близина на Пингтунг.
Ризикот од поплави од тајфунот доаѓа само еден ден откако илјадници луѓе низ целата земја протестираа против растечкиот корупциски скандал околу проектите за контрола на поплави кои беа лошо извршени или никогаш не беа завршени и ги чинеа даночните обврзници милијарди долари. Неколку пратеници се осомничени за вмешаност, а претседателите на двата дома на парламентот беа принудени да поднесат оставка. Во судирите со полицијата во Манила беа повредени 50 лица и 93 полицајци, а 200 лица беа уапсени, објави АФП.
Филипините се првата голема копнена маса што се соочува со пацифичкиот циклонски појас. Архипелагот е погоден од просечно 20 бури и тајфуни секоја година.
Заштитни мерки се преземени и додека тајфунот се приближува во кинескиот град Шенжен, каде што планираат да евакуираат околу 400.000 луѓе, вклучувајќи ги и оние што живеат во привремени засолништа, низински области и крајбрежни региони, објави АФП.