Москва денеска остро се спротивстави на распоредувањето западни мировници во Украина, предупредувајќи дека тој потег може да доведе до директен конфликт меѓу Русија и НАТО.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Москва е „категорично против“ распоредувањето на западните мировници во Украина, обвинувајќи ги Лондон и Париз дека со тоа ги прикриваат плановите за воена интервенција.
– Русија категорично се спротивставува на таквото сценарио (испраќање западни мировни сили во Украина), кое се заканува со директен конфликт меѓу Русија и НАТО – рече Захарова на прес-конференција.
Таа додаде дека Лондон и Париз „продолжуваат да прават планови за воена интервенција во Украина“ и дека „тоа го прикриваат како некаква мировна мисија“.
Франција и Велика Британија одделно покренаа иницијатива за распоредување европски вооружени сили во Украина, со цел да се обезбеди спроведување на мировниот договор со одвраќање на Русија од повторен напад на земјата.