Јас како директор на Дирекцијата за заштита и спасување и уште повеќе како човек, не се согласувам „преживувањето“ на неколку десетина ромски семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади граѓани на Скопје кои секојдневно вдишуваат отрови настанати од согорување на кабли и друг токсичен отпад. Бидејќи, за мене, животот, здравјето и безбедноста на граѓаните секогаш се на прво место, реагира Стојанче Ангелов откако Каја Шукова го нападна за силеџиство, нечовечност и за дискриминација на една цела заедница.
– Во денешната реакција кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вели: „Изјавата на Стојанче Ангелов дека Ромите во Вардариште требало насилно да бидат иселени е тешка и опасна навреда што го открива вистинското лице на оваа власт“.
Ова значи дека Шукова сака овие Роми да продолжат да живеат во депонија. Сака овие Роми да продолжат да палат кабли и друг токсичен отпад предизвикувајќи дополнителни пожари во депонијата Вардариште со што го трујат цело Скопје. Сака узурпација и небезбедни дивоградби на државно земјиште.
Чисто како информација, би било убаво кога Шукова би позборувала со претставници на неколкуте здруженија на граѓани кои се борат против загадувањето кое се шири од дивата депонија Вардариште. Притоа нека ги запраша колку пати вербално и физички се нападнати од лица кои најверојатно живеат во дивата населба во Вардариште – напиша Ангелов.
Кандидатката Шукова истакна дека Ангелов и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во немоќ ниту да спречат, ниту да откријат виновници, а уште помалку да најдат исправно и хумано решение за луѓето, напаѓаат и дискриминираат цела заедница.
– Со кое право Ангелов кажува дека Ромите кои живеат во Вардариште требало „на сила да бидат иселени“? Ова е врв на нечовечноста, но и злоупотреба на луѓе од најниските слоеви за да се оправда нивната неспособност да направат нешто за да се спречат пожарите – рече Шукова.
Министерот Тошковски вчера изјави дека прво треба да се иселат 200 лица од депонијата за таа да може да се исчисти и повеќе да не претставува закана за воздухот во Скопје.