Српскиот претседател вели дека нема да го менува Уставот за повторно да се кандидира и дека ја завршува претседателската кариера со многу успеси, пишува српска српска „Република“.
– Едноставно кажано, не сум диктатор, го завршувам мандатот за нешто повеќе од една година. Но, секогаш ќе бидам со Србија и ќе ги поддржувам оние што сакаат најдобро за државата – изјави српскиот лидер по средбата со австрискиот канцелар Кристијан Штокер, нагласувајќи дека ниту блокадите ниту странските медиуми нема да ја променат политиката на Србија.
Вучиќ како клучни резултати ги наведе седумпати поголемиот аеродром, десетпати поуспешниот национален авиопревозник, изградбата на автопати, железнички линии и научно-технолошки паркови. Јавниот долг, рече тој, се намалил од 79 % од БДП во времето кога бил премиер, на 44 % денес — двојно под просекот на ЕУ.
Српскиот лидер се осврна и на деветмесечните протести и блокади, велејќи дека тие се легитимен начин за изразување незадоволство, но дека воопшто не биле пријавени како законски собири. Додаде дека предвремените избори ќе бидат распишани кога ќе одлучат надлежните институции, пред законскиот рок.
Одговарајќи на прашање од новинар од австриската новинска агенција АПА во врска со Косово, српскиот претседател рече:
– Бидејќи веќе ме влечете за јазик, а јас никогаш не би го рекол тоа, тогаш ќе го кажам. Кога ќе дојдете тука и ќе ни кажете „мора да го признаете Косово“, тоа е смешно за вас, но не и за мене. Зедовте 14 проценти од територијата на оваа земја и нашиот народ. И за вас е смешно, но не и за мене. Велите „не гледајте во минатото, не размислувајте за тоа, туку гледајте во иднината“. Значи, ни кажувате да го признаеме Косово, на еден или друг начин. Да се усогласиме со политиката на ЕУ, а политиката на ЕУ се санкции против Русија, политиката на ЕУ е интегритетот на Украина. Па, тука се чини дека само Србија е принципиелна.
Вучиќ додаде и дека проблемите меѓу Белград и Приштина мора да се решаваат со дијалог и дека сè останато би било катастрофа.