Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави во Тирана дека денеска на самитот на Европската политичка заедница разговарал за реализација на специфични инфраструктурни проекти, како што е изградбата на гасен интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, јавија белградските медиуми.
– Разговаравме и за некои конкретни проекти во врска со инфраструктурните врски, имено интерконекторот со Северна Македонија, за да можеме да размислиме за дополнителни гасни врски во иднина. Разговаравме и за други инфраструктурни проекти, за целата Агенда за раст и за Единствената европска платна зона – СЕПА – изјави Вучиќ.
Тој посочи дека СЕПА е важна за Србија и за српските компании, но и за луѓето кои живеат и работат во странство, поради дознаките што ги испраќаат во државата.
– Се боревме за земјата и мислам дека направивме добра работа. Разговарав и со луѓе од регионот, освен на вечерата синоќа, а денеска и со Жељка Цвијановиќ, но кратко време, и со Андреј Пленковиќ и со многу други лидери, и секако, бев со Ердоган, и мислам дека за кратко време постигнавме многу и договоривме многу средби за следниот период.