Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека руската страна се согласила да го продаде својот удел во НИС, објавија српските медиуми.
– Руските сопственици се согласиле да го продадат својот удел во Нафтената индустрија на Србија, кој изнесува 56,15%. Тие преговараат за тоа. Ние сме вклучени и информирани за овие дискусии, коментираме речиси час по час, бидејќи сме втор најголем акционер со 29,8% и бидејќи е од витален интерес за нас НИС да продолжи да работи и успешно да работи. Тоа е апсолутно клучно за енергетската стабилност на нашата земја – реле Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа објасни зошто државата сè уште не ја објавила третата страна вклучена во преговорите.
– Причината зошто сè уште не излеговме јавно со информации за тоа кој е третата страна е тоа што зборуваме за деловни преговори на сериозни компании. Додека тие преговори не се завршат или барем не се дефинираат најважните детали, не е сериозно да се изнесуваат имиња. Но, ништо не се крие од јавноста. Како што видовте, досега комунициравме многу транспарентно за сè. Нашето барање е јасно – рафинеријата мора да продолжи со работа и да обезбеди нов проток на сурова нафта од ЈАНАФ што е можно поскоро – додаде Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа рече дека НИС, преку своите адвокати во Соединетите Американски Држави, поднесе барање до американската влада за продолжување на лиценцата за работа – за да може да продолжи да снабдува сурова нафта и за да може рафинеријата да продолжи да работи.
– Сега чекаме одлука на американската влада дали она што го предложија, во кое ние секако сме вклучени, е прифатливо – рече таа.



























