Топ Вести - Слушај сега
Сојузот на синдикати денеска ќе протестира со барање да се зголеми минималната плата на износ од 600 евра и да се зголемат останатите плати за 100 евра. Бизнис заедниците се изјаснија дека не можат да го издржат новиот товар , а владата го оцени однесувањето на ССМ како политичка пресметка, а не потреба да се зголемат платите за што веќе една година се преговара.
Протестот ќе почне во 17 часот пред Работничкиот дом и ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.
Од ССМ рекоа дека протестот го организираат поради ингнорантскиот однос на Владата и работодавачите кои не ги зголемија платите на работниците. Според ССМ, има многу аргументи за зголемување на платите тргнувајќи од инфлацијата се до растот на вредноста на синдикалната минимална кошничка во јануари за илјада денари.
Пресметките на ССМ се дека 200.000 луѓе се сиромашни и живеат со плата под 30.000 денари.
Доколку не наидат на слух за барањата, од ССМ најавуваат блокади на таргетирани институции, организирање генерален штрајк и собирање на 10.000 потписи за законски измени со кои ќе бараат намалување на функционерските плати и зголемување на минималната плата и сите останати плати.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера изрази целосна поддршка за протестот на Сојузот на синдикати на Македонија и за барањата на работниците упатени до Владата. На состанок на Извршниот одбор на СДСМ бил заземен став да се поддржи денешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија и да се поддржат барањата коишто работниците ги имаат до Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера го повтори ставот дека Владата ќе ги прифати она што ќе го договорат синдикатите и работодавачите за минималната плата.
– Во согласност со законот, минималната плата ќе биде зголемена во март, односно платите што ќе ги добијат работниците во април за март ќе бидат зголемени. Ние рековме дека ќе го поддржиме секое решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавците во дипартитен дијалог рече Мицкоски.
Говорејќи за барањата на синдикатите за повисоки плати синоќа во телевизиско интервју премиерот Мицкоски рече дека се сомнева дека главна цел на протестите се повисоките плати, за што тој нема против, туку целта на синдикатите е политичка пресметка.
– Ги видов барањата, тоа не е нешто кое што е ново. Апсолутно јас сум секогаш за повисоки примања. Секој треба да добие повисоки примања, тука нема дилема, ниту пак некој има спротивно мислење, но тоа кое што треба да се каже и да се погледне на вистината во очи е фактот дека неколкумина што се дел од водството на овој синдикат се апсолутно заробени од страна на одредени политички амбиции и политички фигури. И сето ова кое што таму го прават има таква задача, таква цел. Не е целта тука хумана, па сега они излегуваат и повикуваат на протести за да еве работниците добијат повисоки плати, туку напротив – рече Мицкоски.
Тој потсети дека на самиот почеток на оваа Влада потпишаа колективни договори со синдикатот во образованието и во здравството, се зголемија платите во МВР, Одбрана и се интервенираше во примањата на вработените во центрите за социјални работи, се воделе преговори и за зголемување на платите на административните службеници за 8% годишно, или реален раст за 40% за 4 години, но истите преговори со репрезентативните синдикати пропаднале бидејќи, како што рече, некој бил политички заробен.
– Нашиот последен предлог којшто го ставивме на маса кој беше? Платите на административните службеници, покрај тоа што законски мора да се зголемуваат согласно и пропорционално на зголемувањето на минималната плата, да се зголемуваат секоја година плус 8%. Што значи тоа? Тоа значи да речеме, ако е 100 парички просечната плата на административните службеници, таа се зголемува за минималната плата износот, еве да речеме 2 илјади денари или 20 парички. Тогаш ќе биде 120 парички и ова се зголемува за 8% и така во 2026 година, а истиот принцип и во 2027 и во 2028 гдина или тоа би значело за 40% зголемени плати – рече Мицкоски.
Тој додаде дека единствениот услов на Владата се однесувал на делот кај што ги регулира платите во општиот колективен договор потпишан од сегашното раководство на ССМ и поранешната министерка за социјална политика и труд кој е нејасно напишан и може да се толкува различно.
Мицкоски нагласи дека „ова треба да го слушнат сите административни службеници, дека ние како Влада ова го нудиме и е на маса“.
За Бизнис конфедерацијата е прифатливо зголемувањето на минималната плата во март, а секое друго зголемување, без олеснети давачки за социјалните придонеси, би било товар за стопанството. Сметаат дека нашата економија, особено приватниот сектор, не може да си го дозволат бараното покачување на минималната плата, ако не иде помогнат од владата преку олеснување на издвојувањата за придонеси.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
