Топ Вести - Слушај сега
Собраниската седница на која Ненад Савески треба да биде именуван за нов државен јавен обвинител е закажана за среда, 18 март.
Савески, досегашен судија од Кривичен суд, беше предложен од Владата на 10 март, а за да биде изгласан од Собранието, потребно е да добие поддршка од 61 пратеник.
Ненад Савески е роден во 1976 година, живее во Гостивар, оженет, татко на 3 деца. Тој е магистер по правни науки – казнено право, магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при УКИМ Скопје, каде ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.
Савески од 2016 година е судија во Основен кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.
Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основно јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основен суд Гостивар. Во тој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.
Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески е наведено дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Совет на Европа, ОБСЕ и на УСАИД.
Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.
Од академската кариера Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.
Тој е автор и коавтор на трудови за: посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации.
Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.
На местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
