Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценка на уставноста и назаконитост на измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, соопштија од судот. Повеќе детали ќе бидат соопштени на попладневната прес-конференцијата на претседателот на Судот, Дарко Костадиновски.
Од Судот објаснуваат дека согласно со Актот на Уставниот суд, оваа фаза на постапката завршува со одлуката за поведување на постапката. Во следната фаза ќе се подготвува реферат, за укинување или за поништување на законските измени.
Според процедурата, Судот ќе испрати извештај до Собранието, во кој ќе им укаже на пратениците дека Судот има сомнеж во уставноста на законот и ќе му даде рок од 6 месеци да интервенира и да ги смени спорните одредби. Ако Собранието во тој рок не интервенира, тогаш се предава рефератот за укинување или за поништување на законските измени. Тој реферат го прави истиот уставен судија што е назначен за предметот од самиот почеток. Доколку судијата известител, на пример, предложи укинување на законските измени, а не добие мнозинство на гласањето, ќе се гласа другиот предлог за поништување на законските измени.
Со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година беа намалени казните за кривичните дела злоупотреба на службената должност и овластвање и злосторничко здружување, по што застареа повеќе кривични предмети против поранешни функционери.