Мотивот за убиството на Вања Ѓорчевска е користољубие, сметаат обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска, кои го застапуваат обвинението против петтемина обвинети за грабнувањата и убиствата на Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
Одговарајќи им на новинарите зошто на денешното рочиште Обвинителството изведе како доказ дополнителна снимка на која се гледа како обвинетиот Велибор Манев става лопата во возилото „рено кангу“, обвинителката Стојковиќ-Димитроска кажа дека снимката е одговор на тврдењата на обвинетите дадени во нивните искази дека немале мотив да убиваат, туку само да грабнуваат луѓе.
Обвинителката Крстевска-Јосифовска на прашањето кои се доказите за мотивот одговори:
– Апсолутно, во случајот се работи за користољубие. Од самиот почеток до извршувањето на делата обвинетите заедно се договарале и се координирале да ги преземат сите дејствија со цел да остварат користољубие. Со убиството на Вања се докажува дека сите заедно ги презеле дејствијата само заради таа причина. Причината за тоа што не е побаран било каков износ на парични средства или било што друго очигледно било во контекст на целта којашто сакале да ја остварат, а не дека нема користољубие во случајот.
Нејзината колешка Стојковиќ-Димитровска, надоврзувајќи се, рече дека за мотивот дополнително ќе се изјаснат во завршните зборови.
– Денеска не беа изведувани докази на таа околност и ќе ни дозволите до крајот на постапката да се изјасниме.
Претходно, на самото рочиште, обвинителката вака ја објасни снимката со лопатата.
– На снимката од 24 ноември 2023 година во 4:29 часот, но реално време 3:29, се гледа како пред куќата на обвинетиот Манев стои обвинетиот Боре Видевски и чека. Манев излегува и се гледа дека од дворот на куќата излегува ‘рено кангу’ и во него влегува Видевски и се упатуваат во насока кон Велес. Овој дел од снимката веќе беше изведен и прикажан на главната расправа, а она што не беше изведено е следново. Откако возилото заминува во насока на Велес, на снимката се гледа како после една минута и нешто, во 3:32 часот, истото се враќа назад и застанува пред дворот. Обвинетиот Манев излегува, се упатува кон дворот, односно кон куќата и за кратко време, во 3:34 часот, се враќа во возилото и во десната рака држи лопата и ја внесува во возилото. Седнува на возачкото седиште и заминуваат кон Велес. Ова е датумот 24.11.2023 година, кога е направен првиот обид за грабнување на детето Вања Ѓорчевска.