Топ Вести - Слушај сега
Вчерашното рочиште за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ донесе морничави, но правно исклучително значајни детали кои фрлаат сериозен сомнеж врз одржливоста на конструкцијата на Обвинителството. Додека обвинителниот акт се обидува да воспостави причинско-последична врска која се протега повеќе од една деценија наназад, живите сведоци, оние кои го преживеаја ужасот, опишаа фактичка состојба која нема речиси никаква допирна точка со административните процедури од минатото.
Исказите на сведоците Иван Данаилов и Кристијан Панов не само што ја реконструираа кобната ноќ, туку и, можеби несвесно, ја демаскираа клучната слабост на обвинението: се суди за документи од пред 10-12 години, а луѓето гинеле во објект кој бил физички изменет, реновиран и воден по сосема нови, опасни правила во 2025 година.
Најсилниот удар врз тезата дека административните дозволи од минатото се виновни за трагедијата го зададе сведокот Иван Данаилов (25). Тој пред судот експлицитно посочи дека ентериерот на дискотеката воопшто не бил ист како во годините кога биле издавани првичните документи.
Според неговото сведочење, „внатрешноста на дискотеката била реновирана во последната година“, најверојатно мислејќи на 2024 година. Данаилов прецизираше дека „терасите над шанкот биле отстранети, а бината целосно изменета“. Овој детаљ е од круцијално значење. Ако просторот е физички реконструиран, ако патеките за движење се променети и ако конфигурацијата е различна од онаа во оригиналните нацрти, тогаш секоја лиценца или одобрение издадено пред 2024 година станува ирелевантно за фактичката безбедност во моментот на пожарот. Обвинителството се обидува да докаже „системски пропуст“ од минатото, но сведоците потврдуваат дека смртоносната стапица била создадена со градежни интервенции направени непосредно пред несреќата, кои и веројатно се без дозвола и одобрување на надлежните институции.
Вториот аспект кој го оспорува обвинението е прашањето за прекубројноста. Сведокот Кристијан Панов го опиша хаосот со зборовите: „Сите почнаа да трчаат, луѓе врз луѓе, најмногу заглавени меѓу двете врати“.
Ова се надоврзува на исказот на Данаилов, кој потврди дека таа ноќ клубот бил преполн до таа мера што „масите биле поставени дури и во средината, што го отежнувало движењето“. Ова укажува дека неможноста за евакуација не била резултат на тоа што некој ставил потпис на хартија пред една деценија, туку на моменталната одлука на менаџментот да го пренатрупа просторот со маси и гости далеку над безбедносниот лимит. Ниту една административна дозвола, колку и да е стара, не дава право за блокирање на евакуационите патеки со инвентар.
Обвинителството инсистира на административна одговорност, но сведочењата откриваат оперативна небрежност на менаџментот на дискотеката која станала стандард. Данаилов, кој изјави дека првпат влегол во клубот на 16 години, посведочи дека „и тогаш, како и во ноќта на трагедијата, просторот бил полн со малолетници“. Тој додаде дека иако имало обезбедување, таа вечер „никој не го побарал личниот документ“.
Дополнително, се потврди дека употребата на пиротехника не била изолиран инцидент, туку редовна пракса за забава, особено со бендовите кои често гостувале. Тоа впрочем го видовме низ медиумите, на фотографии, уште пред да почне судскиот процес.
Загрижувачки е што дел од сведоците во текот на постапката потенцираа дека во критичните моменти во внатрешноста на објектот не забележале противпожарни апарати. Оваа фактичка состојба е дијаметрално спротивна на административната слика од 2012 година, кога при издавањето на првата едногодишна лиценца, извештаите и проверките на Државниот пазарен инспекторат биле позитивни, а документацијата потполна, што логично води кон заклучокот дека во тогашната конфигурација на објектот, противпожарната заштита била уредно обезбедена.
Сублимирајќи ги вчерашните сведоштва, станува јасно дека Обвинителството се соочува со сериозен проблем во докажувањето на каузалитетот. Како може да се бара одговорност од лица кои административно постапувале пред многу години, пред 10, 12, 14 години, кога објектот во меѓувреме претрпел: градежни измени (отстранети тераси, сменета бина), промена на намената на просторот (маси поставени на патеки за евакуација) и екстремно зголемување на бројот на гости далеку над проектираниот капацитет.
Сведоците Данаилов и Панов, преку своите трауматични искуства, јасно нацртаа слика на објект кој во 2025 година функционирал по сопствени, диви правила, во реновиран амбиент непознат за институциите од минатото. Обвинителниот акт, кој се обидува да ја „развлече“ вината наназад низ времето, се чини дека паѓа на тестот на реалноста – бидејќи пожарот не избувнал во „архивскиот објект“ кој впрочем не е ниту истиот објект од 2012, туку во преполнетиот и реновиран „Пулс“ од 2025.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
