Словенечката влада усвои предлог-законот со кој се воведува задолжителен божиќен бонус за сите вработени во јавниот и приватниот сектор. Вработените треба да го добијат додатокот најдоцна до 18 декември, а износот ќе биде 639 евра, односно половина од бруто минималната плата.
Законот треба да ја помине расправата во парламентот пред да почне да се применува.
Според најавата на вицепремиерот Матеј Арчон, божиќниот бонус нема да биде задолжителен само оваа година, туку ќе стане трајна законска обврска. Износот ќе биде половина од бруто минималната плата, односно 639 евра, и ќе биде ослободен од данок и од придонеси. Целта, како што вели Арчон, е „вработените да бидат наградени на пофер начин“, објави Радиотелевизија Словенија.
Владата, исто така, предвиде два исклучоци за компаниите кои имаат проблеми со ликвидноста. На ваквите компании им е дозволено да го исплатат божиќниот бонус со задоцнување до 31 март 2026 година, или во посебни случаи само 160 евра.
– Компаниите кои ја користат оваа можност нема да имаат право да исплаќаат дивиденди или награди на менаџментот – објасни Арчон.
Во јавниот сектор, на сите ќе им биде исплатен целиот износ на божиќниот бонус, а вкупната цена ќе биде 118 милиони евра. Вкупното фискално влијание на мерката се проценува на 372 милиони евра.
Архон нагласи дека во првата година од примената, божиќниот бонус нема да се зема предвид при пресметување на социјалните права и трансфери, како што се детски додаток, субвенции за оброци во градинка или училиште, за да не бидат оштетени домаќинствата.
Работодавците сакаат божиќниот бонус да остане доброволен, но и да се зголеми прагот на ослободување од данок, а синдикатите пак сметаат дека е неприфатлив исклучокот за испата на овој бонус.
Владата планира да го достави законот во парламентарна процедура до крајот на октомври.