По едномесечна пауза, обновени се испораките на руски гас за Словачка, пишува порталот Деник Н, повикувајќи се на изјава на директор на енергетскиот систем оператор СПП Војтех Ференц.
Според Ференц, на 1 февруари „Гаспром“ почнал да испорачува гас на најголемиот енергетски оператор во Словачка преку гасоводот Турски тек.
Тој најави дека испораките ќе се удвојат од април.
-Договорот со компанијата „Гаспром експорт“ е со важност до 2034 година. Нема да го прекинеме – рекол директорот.
Транзитот на руски гас во Европа преку украинска територија беше целосно суспендиран на 1 јануари поради одбивањето на Киев да го продолжи договорот.
Словачка и Унгарија побараа продолжување.
Словачкиот премиер Роберт Фицо минатиот месец изјави дека рускиот претседател Владимир Путин и ветил на Словачка дека „Гаспром“ ќе најде алтернативни начини за испорака на договорениот гас.