Простор на површина од 1.400 квадратни метри во Ново Лисиче, кој со години е запуштен и без намена, за две до две и пол години ќе биде мултифункционален центар. Ќе има киносала на простор од 800 квадрати и 245 столчиња, 400 квадрати ќе бидат мултифункционален простор за изложби, а останатиот дел се предвидени за канцеларии и соби за техника.
Центарот ќе се гради со финансии од Министерството за култура и туризам во износ од речиси 99 милиони денари во првата фаза. Договорот денеска го потпишаа министерот Зоран Љутков и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски.
Министерот Љутков истакна дека ова е ново поглавје за културата во Општина Аеродром во која не постои културен центар кој, како што рече, ќе биде значаен особено за независната сцена. Тој посочи дека Министерството за култура и туризам потпишало 20 договори во општини низ државава за изградба на мултифункционални центри, а за некои од нив се пренаменуваат нефункционални стоковни куќи. Шест до седум почнуваат да се градат или се во тек на изградба и во главниот град, при што тие ќе бидат значајни и за проектот Скопје – Европска престолнина на културата 2028.
– Се надеваме дека до крајот на 2027 ќе бидат завршени сите и во 2028, надвор од националните установи, да имаме девет или десет вакви простори кои ќе можат да ги примат и странските уметници и да им се обезбедат нормални услови за работа. Многу е важно што овие центри ќе овозможат многу повеќе простор за независната културна сцена на која ѝ недостига простор, кино, театар, изложби итн. Со ова овозможуваме рамномерен културен развој на сите настани низ државата. Посебно ми е драго што Владата се одлучи на еден ваков чекор и што градоначалниците, кои имаат избор во апликациите каде ќе ги насочат своите средства, се одлучуваат токму за градење на вакви мултифункционални центри кои се, всушност, и иднината на културата во Македонија – истакна Љутков.
Градоначалникот на Аеродром, Дејан Митевски рече дека Аеродром за жал, е меѓу најголемите општини во државава која нема мултифункционален простор и нагласи дека тој ќе биде наменет исклучиво за развој и промоција на културата.
– Со овој договор, добиваме 99 милиони денари со кои ќе се финансира првата фаза од овој мултифункционален центар кој ќе содржи киносала со 245 столчиња, простор за изложби, мултимедијален дел комплетно опремен со сценска технологија, озвучување и осветлување. Благодарение на поддршката од Владата и Министерството за култура и туризам, во наредните две години ќе работиме интензивно и Аеродром ќе добие еден ваков простор – истакна Митевски.
Откако ќе биде изграден центарот, со одлука на општинскиот Совет ќе му биде доделен на општинското јавно претпријатие да го менаџира, да организира настани, да го издава просторот итн.