Сите членови на екипажот во рускиот воен транспортен авион Ан-22 загинаа откако леталото денеска се урна во регионот Иваново, повеќе од 200 километри североисточно од Москва. Несреќата се случила во ненаселена област за време на пробен лет, соопшти руското Министерство за одбрана.
Првичните информации од спасувачките тимови упатуваат дека во авионот најверојатно се наоѓале седум лица. Локалните власти потврдија дека нема преживеани.
Истрагата е веќе отворена. Рускиот истражен комитет соопшти дека започнал постапка за утврдување на причините и дали имало прекршување на прописите при подготовката на летот, што е дел од стандардната процедура по вакви тешки инциденти.
Ан-22, кој е еден од најголемите транспортни авиони во рускиот воен состав, извршувал пробен лет по извршени поправки, кога настанал фаталниот пад.



























