Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека новите, зголемени царини на САД за увоз од Европската Унија ја докажуваат неспособноста на раководството во Брисел и рече дека е време за патриотски пресврт.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно денеска објави дека Европската Унија од 1 август ќе се соочи со царина од 30 отсто.
Министерството за надворешни работи на Унгарија во соопштение го цитираше Сијарто кој наведе на социјалните мрежи дека мерката преземена од САД е уште еден доказ за целосната неспособност на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, и на самата ЕК.
– Оваа неспособност веќе предизвика многу штета и проблеми за Европа во последните неколку години, а сега имаме уште еден неуспех: Урсула фон дер Лајен и Европската Комисија не успеаја да издејствуваат поволен трговски договор со американската администрација и повторно страдаат европската економија, европските компании и европските граѓани – истакна Сијарто.
Според него, царините на ЕУ кон САД требало веднаш да се намалат откако Доналд Трамп ја презеде должноста.
– Урсула фон дер Лајен и Европската Комисија тоа не го сторија, и ние, Европејците, повторно страдаме поради тоа. Време за промени во Брисел и патриотите конечно треба да ги заменат луѓето како Фон дер Лајен – додаде унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто.