Сибирската „ледена мумија“ стара 2.500 години нуди неочекувани сознанија за животот, наравот и обичаите на древните Сибирци. Имено, скенирањата со висока резолуција на тетоважи, најдени на женското тело, открија дизајни што современите уметници за тетоважи, на пример, би ги сметале за тешки и сложени за цртање, пишува „Политика“.
Сложените тетоважи на леопарди, елени, петли и на митско суштество полулав-полуорел (грифин) говорат за културата на античките воини во средна Русија. За принцезата воин, како што ја нарекува порталот Крипи кјуриозити, археолозите соработувале со уметник за тетоважи кој ги копирал древните кожни цртежи на сопственото тело за да се разбере како точно тие се направени.
„Ледени мумии“ во ледени гробници
„Ледените мумии“ од преселничкиот народ Пазирик се најдени во ледени гробници во Алтајските Планини во Сибир уште во 19 век, но тетоважите биле тешко препознатливи. Скенирањата денес открија „сложени, остри и униформни“ тетоважи, коишто првично не можеле да се видат со голо око. Тетовираната жена, која починала на околу свои 50 години, ѝ припаѓала на древната култура Пазирик – племе кое живеело јавајќи коњи на огромната степа меѓу Кина и Европа.
Водечкиот автор на истражувањата, д-р Џино Каспари, од Институтот за геоантропологија „Макс Планк“ и од Универзитетот на Берн во Швајцарија, смета дека наодите несомнено укажуваат на софистицираноста на овие луѓе, како што изјави за Би-Би-Си.
– И порано, тетовирањето било навистина професионална практика, каде што луѓето вложувале многу труд, време и пракса во создавањето на овие слики. А тие се прилично софистицирани. Се чини дека некои од тетоважите биле расечени и оштетени кога телото се подготвувало за погребувањето… Ова посочува оти тетоважите навистина значеле нешто за време на животот, но и дека тие не играле голема улога во задгробниот живот – објаснува д-р Каспари.
Тешко се откриваат детали од обичаите во старите времиња
Тешко е да се откријат подробни информации за древните општествени и културни обичаи бидејќи повеќето докази се уништуваат со текот на времето. Уште потешко е да се долови детаљ од животот на една личност. Сега, користејќи дигитална фотографија во Музејот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Русија, експертите ги направија првите скенирања на тетоважите со висока резолуција.
Анализирајќи ги трагите на кожата на жената, тимот верува дека тетоважите, најверојатно, биле шаблонирани – пред да бидат нацртани. Се смета дека алатката што се користела, била таква што имало повеќе мали иглички за тетовирање, веројатно направени од животински рог или од коска. Бојата, пак, била направена од изгорена растителна материја или од саѓи.