Европскиот парламент утре ќе ги потврди новите правила за возачки дозволи, кои веќе се одобрени од Советот на Европската Унија. Промените носат значајни новини за идните возачи, но и модернизација на системот со воведување дигитална возачка дозвола, достапна на паметни телефони.
Според новите правила, кандидатите за возачи за време на теоретските и практичните тестови ќе треба да покажат дека ги знаат ризиците за ранливите учесници во сообраќајот – пешаци, велосипедисти и возачи на скутери.
Покрај тоа, идните возачи ќе треба да знаат како безбедно да користат мобилен телефон и да ги разбираат системите за помош при возење што се наоѓаат во модерните автомобили, правилно да ги отвораат вратите на возилата и да знаат како да возат по снег и лизгави патишта. Посебен акцент се става на свеста за опасностите од таканаречената слепа точка.
Се воведува пробен период од најмалку 2 години за сите нови возачи. Во овој период, ќе се применуваат построги правила и казни за прекршоци како што се возење под дејство на алкохол и некористење на сигурносен појас или систем за врзување на деца.
Новите одредби ги вклучуваат и професионалните возачи, бидејќи поради нивниот недостиг, старосната граница за возачка дозвола за камион се намалува од 21 на 18 години, а за автобуси од 24 на 21 година, со услов кандидатите да имаат сертификат за професионална компетентност.
Новите возачки дозволи за мотоцикли и автомобили ќе важат 15 години, со можност државите да го намалат тоа на 10 години доколку можат да заменат лична карта. Возачите на камиони и автобуси ќе мора да ги обновуваат своите дозволи на секои пет години, а земјите-членки можат да го скратат рокот за оние над 65 години.
Една од најголемите промени е воведувањето на дигитална возачка дозвола, а возачите ќе можат да ја имаат на своите паметни телефони. Таквата дозвола ќе стане стандард во Европската Унија, а земјите-членки ќе имаат пет и пол години да ја имплементираат. Сепак, возачите ќе имаат право да побараат физичка верзија од нивната возачка дозвола доколку сакаат.