Парламентот на Шпанија денеска го усвои законот со кој се воведува целосна забрана за испорака на оружје и воена технологија на Израел, со цел како што наведуваат пратениците, да се стави крај на „геноцидот врз палестинскиот народ“ во Појасот Газа.
Законот беше изгласан со 178 гласови „за“ и 169 „против“, а со него се предвидуваат и итни мерки за поддршка на Палестинците, вклучувајќи хуманитарна и економска помош.
Според новиот закон, се забранува секој вид извоз или увоз на воена опрема, производи или технологии поврзани со Израел, како и транзит на авионско гориво со потенцијална воена примена. Дополнително, се воведува забрана за рекламирање на производи што потекнуваат од нелегални израелски населби во Газа и на Западниот Брег.
Шпанската влада уште од октомври 2023 година фактички го спроведуваше ембаргото за оружје, а новиот закон сега го прави тоа правно обврзувачко. Израел во 2024 година го повлече својот амбасадор од Мадрид, откако Шпанија официјално ја призна Државата Палестина.
Шпанија веќе подолго време е меѓу најгласните европски критичари на израелската воена офанзива во Појасот Газа, која започна по нападот на палестинското движење Хамас врз југот на Израел на 7 октомври 2023 година. Со овој потег, Мадрид испраќа силна политичка порака дека европските земји треба да преземат „реални чекори“ кон запирање на насилството и заштита на цивилното население.
Фото: EPA-EFE/HAITHAM IMAD