Албанија, Македонија и Црна Гора веќе се придружија на СЕПА, што е конкретен напредок кон интеграција во единствениот европски пазар, истакна комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос. Таа смета дека шесет милијарди евра предвидени за земјите од Западен Балкан од Инструментот за реформи и раст се моќна алатка која ќе ја забрза еворинтеграцијата.
Кос истакна дека Инструментот не е само финансиска, туку и политичка алатка, бидејќи исплатата на средствата зависи од спроведување на реформи. Сите земји, освен БиХ, веќе ги подготвија своите реформски агенди.
За Македонија се предвидени 750,4 милиони евра од кои 215,3 милиони се грантови. Во март, земјавa веќе доби 52,5 милиони евра како претфинансирање.
– Уште поважно, Инструментот инјектира нова динамика во процесот на проширување. Благодарение на неговата трансформаторска природа и реформските агенди, интензивиран е дијалогот на ЕУ со секој од партнерите од Западниот Балкан и започнати се дискусии за реформи на долг рок – рече Кос.
СЕПА, Единствената област за плаќањa во евра им овозможува на граѓаните и бизнисите во земјата да вршат и да примаат плаќања во евра под исти услови како и во другите земји од СЕПА.
Македонија се приклучи на СЕПА на 6 март 2025 година.