Шахистите на Алкалоид во петтото коло од Европскиот клупски куп што се игра на грчкиот остров Родос ја постигнаа и петтата победа. Тие го совладаа актуелниот шампион Нови Бор од Чешка со 4:2.
Победи за Алкалоид на првата и на третата „табла“ со бели фигури постигнаа Арјун Григаиси и Ју Јангји, додека другите четири партии завршија реми. Половина поен за македонскиот првак освоија: Ју Веи (втора), Аравинд Читамбарам (четврта), Велимир Илиќ (петта) и Абимаи Пураник (шеста).
– Големото дерби привлече и големо внимание. Сите очекуваа нешто посебно и тоа навистина се случи. Наместо вообичаен меч на кој се води рововска битка за мала предност и се чекаат грешки, овојпат видовме многу оган на таблите, но и многу неочекувани варијанти и пресврти – вели велемајсторот Влатко Богдановски, капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.
Во денешното коло Алкалоид игра против Супершах од Романија. Воедно ова може да се оцени и како дерби и меч за шампионската титула бидејќи двете екипи во досегашниот тек на натпреварувањето имаат максимален ефект пет победи од пет мечеви.



























