Двајца сенатори во САД предложија закон кој предвидува царини од 500 отсто на увоз на стоки од земји што продолжуваат да купуваат руски енергенски. Републиканецот Линдзи Греам и Ричард Блументал од Демократите ги информираа европските сојузници на САД и Украина дека законот ќе биде „пресвртна точка“ во економскиот притисок врз Москва.
Мерките најмногу ќе ги засегнат Кина и Индија – двата најголеми клиенти за руските енергетски производи, кои финансираат, како што посочуваат сенаторите, значаен дел од руската воена машинерија.
– Ова не е продолжување на сегашната стратегија. Ова е удар таму каде што најмногу боли – изјави Блументал.
Сенаторот Греам додаде:
– Целиме на пазарот на (рускиот претседател Владимир) Путин, а тоа е токму она што најмногу им одговара на нашите европски партнери.
Сенаторите се надеваат дека законот ќе биде ставен на гласање во Сенатот пред августовската пауза.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа за Ен-Би-Си Њуз изјави дека в понеделник ќе даде „голема изјава“ за Русија, без да даде детали за тоа каква ќе биде таа.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека со сенаторите Греам и со Блуменатал разговарал за подобрување на воздушната одбрана на земјата.
– Наш приоритет во моментов е зајакнување на воздушната одбрана. Русија сака да нападне со 1.000 дронови одеднаш – рече тој.