Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја замрзне помошта за странски земји освен Израел и Египет на 90 дена дојде како студен туш за македонскиот невладин сектор. Утринава амбасадата на САД ги инофмирашње сите невладини и други организации што веќе имаат добиено, па речиси и реализирано проекти во Македонија – да запрат со реализацијата и ништо да не исплаќаат, во согласност со извршната наредба на новиот шеф на САД.
Упатството што во петокот го објави државниот секретар Марк Рубио, издадено до сите дипломатски и конзуларни претставништва, бара од вработените да издаваат „наредби за стопирање на работата“ за речиси сите „постојни награди за странска помош“ и тоа веднаш.
Бриселски Политико, кој прв ја објави веста, се чини дека тоа оди подалеку од неодамнешната извршна наредба на претседателот Доналд Трамп, која му наложи на Министерството да ги паузира грантови за странска помош на 90 дена во очекување на разгледување од секретарот.
Ваквото барање е студен туш и за сите што веќе работат со амбасадата, бидејќи очекувањата беа дека наредбата ќе се однесува за новите проекти, а не за тековните.
Во иднина се очекуваат и други вакви последици од политиките на Трамп, во зависност од тоа како американскиот претседателќе ја води „трговската војна“ со ЕУ.
Генерално, помошта на САД во Македонија се менаџираше преку проекти на амбасадата и преку агенцијата УСАИД, а беше фокусирана на владеење на правото, на сајбер безбедноста, на животната средина, на развој на демократијата, подобрување на конкурентноста, на борба против корупцијата и за поголемо граѓанско учество.
Само за судскиот систем САД дадоа речиси половина милијарда долари помош, што беше повод амбасадорката Ангела Агелер да се пожали во една прилика дека „зборувањето не е без пари“, односно дека се потрошени многу пари во јакнење на независноста на правосудството, а довербата во него сѐ уште е многу ниска.
САД даваа помош и за пандемијата (околу милион и пол долари), а вкупно од 1993 година, од кога работат на овој начин со Македонија, дадоа помош од речиси една милијарда долари, надвор од воената. Иако на удар на наредбата се главно невладини организации и медиуми, преку УСАИД помош добиваа и владини и други институции.