Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделникот најави дека оваа недела ќе се одржат консултации меѓу Русија и САД.
Ќе се одржат консултации за прашањето за нормализирање на работата на амбасадите во двете земји, најави Лавров.
„Оваа недела ќе има полноправни консултации кои, се надевам, ќе ги отстранат вештачките пречки што американската демократска администрација ги натрупа во последните години“, рече Лавров, цитиран од РИА Новости.
Лавров истакна дека Русија ќе ги продолжи контактите со САД, бидејќи без нормален дијалог меѓу Москва и Вашингтон не е можно да се разбере дали несогласувањата во нивните односи може да се испеглаат.
„Најлесен начин, предложивме, е да се воспостави нормално функционирање на амбасадите, руската во Вашингтон и американската во Москва. „За таа цел, минатата недела веќе беа одржани два прелиминарни технички контакти“, рече Лавров.
Заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Рјабков за РИА Новости изјави дека средбата треба да се одржи во трета земја, а за конкретната локација во моментов се преговара. Тој нагласи и дека во фокусот е деблокирањето на дипломатските претставништва.
Три години од почетокот на војната во Украина – кога и како ќе заврши?
Да потсетиме, на 18 февруари во Ријад се одржаа руско-американски преговори, по што двете страни се согласија да ја продолжат билатералната соработка со цел да се отстранат ограничувањата за работата на амбасадите и да се иницира процес за ставање крај на конфликтот во Украина.