Вработениот во Народна банка, Зоран Д., кој вчера беше приведен поради сомнение дека го презел и го уништил ранецот во кој, според наводите на обвинетиот Велибор Манев, било сокриено огненото оружје со кое биле убиени Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, и утринава се наоѓа во полициска станица.
Сè уште не е познато што изјавил пред истражните органи, а од Јавното обвинителство најавија дека подетални информации за постапката ќе бидат објавени во текот на денот.
Приведувањето следуваше откако Манев, на последното судење, првпат јавно го посочи Зоран Д. како лице вклучено во криењето на оружјето. Претходно, на неколку рочишта тврдеше дека знае кому му било доверено да го сокрие пиштолот, но неговите наводи со месеци не беа проследени со соодветни истражни дејства.
По вчерашното сведочење, Зоран Д. беше лишен од слобода, што ја разгори јавната дебата околу сериозните пропусти во истрагата, особено во делот на идентификација и обезбедување на доказниот материјал.