За младиот штипјанец Горан Тонев, гитарист во бендот на ДНК, конечно пристигнаа добри вести. Тој се врати дома откако помина два месеци на лекување во болницата „Папаниколау“ во Солун, каде беше испратен веднаш по несреќата во дискотеката ПУЛС во Кочани, во која доби тешки повреди.
Случајот со преживеаните членови на ДНК и нивната придружна група кои беа повредени во трагедијата, добива сè помалку медиумско внимание. Малку се знае за нивната вистинска здравствена состојба, а информациите што циркулираат во јавноста најчесто доаѓаат од непотврдени извори. Сепак, досегашните податоци укажуваат дека Панчо и Горан Тонев успешно се опоравуваат. За Ана Костадиновска уште од почетокот беше познато дека закрепнува главно од психолошките последици од трагедијата, повеќе отколку од физички повреди.
Горан Тонев на својот Фејсбук профил објави фотографија на која е заедно со болничкиот персонал што се грижел за него. На сликата се гледа дека има завои на главата, вратот и на рацете – сведоштво за сериозноста на повредите што ги претрпел во пожарот.
Во својата емотивна објава, Тонев напиша:
„Му благодарам на Бога што ми даде втора шанса, му благодарам на целиот персонал од болницата ‘Папаниколау’ – Солун за неизмерната грижа и нега која ми ја пружија. Исто така сакам да се заблагодарам и на персоналот во Кочани и Скопје. Голема благодарност за сите мои роднини и пријатели коишто се молеа за мене. Моите чувства се измешани – колку што сум среќен, толку сум и тажен за загубата на сите деца, а посебно за моите драги колеги и другари. Сочувство за сите фамилии“.
Младиот музичар е дипломиран гитарист на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Публиката го памети и по неговиот настап на фестивалот „Макфест“ во 2020 година, кога дебитираше во родниот град со песната „Моја и твој“.