Милиони луѓе се очекуваше вечерва да добијат итно предупредување на своите телефони, додека Обединетото Кралство се подготвува за бурата Еуин, чии ветришта веќе дуваат со брзина од над 140 километри на час додека се приближуваат кон Северна Ирска.
Во најголемото предупредување досега, околу 4,5 милиони луѓе ќе слушнат сирена на нивните телефони, со вибрации што ќе траат до 10 секунди, за да се пренесе предупредувачка порака до луѓето во делови од Шкотска и од Северна Ирска, за каде Метеоролошката канцеларија издаде ретка „црвена тревога“.
Системот за предупредување, наречен „Армагедон аларм“, првпат лансиран во 2023 година, се користи во итни ситуации, како што беше неодамнешната бура Дара. Тогаш повеќе од 3 милиони луѓе беа предупредени да останат во затворени простории поради ветровите со брина од 145 километри на час.
Метеоролозите предупредуваат дека ветровите би можеле да достигнат брзина од 160 км/ч, со ризик од „летечки отпад што претставува закана за животот“.
Луѓето се предупредуваат и за ризикот од големи бранови во крајбрежните области, опасни услови за возење поради паднати дрвја, како и за потенцијални прекини на струја и за оштетување на зградите.
Метеоролошката служба ги предупреди граѓаните во погодените области да избегнуваат патување и „да останат дома доколку е можно“.
„Метеорганизацијата издаде предупредување за црвен ветер за петок, 24 јануари, што значи дека постои ризик по животот во Северна Ирска и во делови од Шкотска. Со оглед на влошените временски услови и поврзаните нарушувања, во консултација со шкотската влада и извршната власт на Северна Ирска, Кабинетот вечерва ќе издаде итни предупредувања за луѓето погодени од предупредувањата во Северна Ирска и делови од Шкотска. Системот за предупредување за итни случаи ќе испрати порака до секој компатибилен мобилен телефон во најранливите области, со информации за временските предупредувања и упатства за тоа како да се остане безбеден“, соопшти Кабинетот на владата.
Мобилните телефони ќе испуштаат гласен звук налик на сирена дури и ако се поставени на тивок режим. Звукот и вибрациите ќе траат околу 10 секунди. Околу 4,5 милиони луѓе ќе го добијат ова предупредување за итни случаи, што претставува најголема употреба на овој систем, се додава во соопштението.
Владата на Обединетото Кралство има детални планови за справување со тешките зимски временски услови и работи со тимови од регионалните влади, со локалните власти, службите за итни случаи и други јавни тела за да го координираат одговорот на секое нарушување.
Училиштата во Шкотска се советувани да се затворат во петок поради безбедноста на децата и персоналот.
Предупредувањето од Метеоролошката служба гласи: „Чувајте се себеси и другите безбедни. Избегнувајте патување по пат за време на потенцијално опасни временски услови. Возењето во овие услови е небезбедно. Не ризикувајте повреди на другите или оштетување на вашиот имот. Ако можете безбедно да го направите тоа, проверете и обезбедете ги предметите надвор од вашиот дом, како што се корпи за отпадоци, градинарски мебел, шатори, бараки и огради. Да се биде надвор на силен ветер ве изложува на ризик од повреда. Доколку е можно, останете во затворени простории“.
Ова е петти пат кога се користи системот за итни случаи. Минатата недела, Кабинетот на владата објави дека ќе спроведе национален тест подоцна оваа година што ќе биде испратен до околу 87 милиони телефони. Датумот за тестирање ќе биде објавен однапред.