Топ Вести - Слушај сега
Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф изјави дека САД и сојузниците на Украина од таканаречената „Коалиција на подготвените“ постигнаа значителен напредок во преговорите за клучни прашања поврзани со безбедноста и економското закрепнување на Украина.
– Постигнат е значителен напредок во неколку критични насоки, вклучително и во однос на рамката за билатерални безбедносни гаранции, како и таканаречениот „план за просперитет“ за Украина – рече Виткоф.
Тој тоа го соопшти во објава на социјалната мрежа Икс по средбата на сојузниците во Париз што се одржа вчера.
– Со Коалицијата сме согласни дека трајните безбедносни гаранции и стабилните обврски за просперитет се од суштинско значење за одржлив мир во Украина и ќе продолжиме да работиме заедно во таа насока – објави Виткоф.

Претходно, тој најави дека американската делегација ќе ги продолжи разговорите со украинската страна во Париз.
– Ќе продолжиме со разговорите со украинската делегација и се надеваме дека во блиска иднина ќе постигнеме дополнителен позитивен импулс – изјави Виткоф.
Во одделна изјава, Виткоф оцени дека страните се „многу блиску до финализирање на исклучително стабилен договор за просперитет, каков што ретко се постигнува по воени конфликти“. Тој додаде дека САД се охрабрени од „соработката и партнерскиот пристап“ меѓу учесниците на состанокот на Коалицијата на подготвените.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сојузниците на Киев веќе утврдиле како ќе функционираат европските сили за одвраќање во Украина по евентуален прекин на огнот, како и кои држави ќе учествуваат во неа. Зеленски тоа го соопшти пред новинарите во Париз по завршувањето на состанокот.
Тој додаде дека Украина водела „конкретни разговори со САД“ во врска со мониторингот на можен прекин на огнот и изрази очекување дека безбедносните гаранции ќе бидат потпишани во најскоро време. Според него, гаранциите договорени во рамки на „Коалицијата на подготвените“ треба да дејствуваат паралелно и во тесна координација со гаранциите од САД.
Францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека поддршката од САД за безбедносните гаранции е од клучно значење за многу држави, оценувајќи дека во последните недели дошло до „промена во позицијата на Вашингтон“. Според Макрон, САД веќе го разјасниле форматот на своето учество, вклучително и во делот на надзорот на линијата на фронтот во Украина.
Поддршка за постигнатите договори изрази и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, која изјави дека средбата на лидерите во Париз овозможила „зацврстување на безбедносните гаранции“, вклучително и преку посилна украинска армија, поддржана од мултинационални сили и со учество на САД.
Британскиот премиер Кир Стармер оцени дека земјите се „поблиску до мир во Украина отколку кога било досега“, но предупреди дека „најтешките чекори сè уште претстојат“.
Tagged as:
Се договара безбедноста и закрепнувањето на земјата по примирјето
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
