Топ Вести - Слушај сега
Социјалдемократскиот сојуз денеска во Скопје во хотелот „Александар палас“ ќе го одржи 31. Конгрес на кој ќе се анализира изборниот резултат од последните локални избори. Конгресот се одржува во услови на засилени внатрепартиски тензии и јавни критики кон раководството.
На почетокот ќе има отворен дел од конгресот, ќе следува обраќање на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по што ќе следи работен дел од Конгресот. Планирано е да се гласа и доверба на Централниот и на Надзорниот одбор, како и да се направат статутарни измени за воспоставување нови дигитални платформи за комуникација со членството и со гласачите.
Лидерот Венко Филипче во последниот период беше критикуван јавно и од него беше побарана оставка од поранешни партиски функционери.
Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов побара Филипче да поднесе оставка, а со отворена критика излезе и поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој оцени дека актуелното раководство на СДСМ е единствено одговорно за незадоволството меѓу членовите на партијата.
Филипче за Дојче веле вели дека не очекува тензиите да се прелеат на конгресот.
– Очекувам дебата, да се јават делегатите за дискусија. Сметам дека конгресот е вистинскиот форум за дискусија и за критики. Не очекувам тензии, но очекувам вистински реални критики – изјави Филипче за Дојче веле.
Тој најавил дека по конгресот ќе има силни активности во општинските организации и поголема активност на партијата.
Шилегов и Деспотовски не се меѓу 740 поканети делегати на конгресот. Шилегов претходно на ТВ гостување изјави дека на незадоволните би можеле да им се приклучат и дел од пратениците.
– Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби и половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функцијата – изјави Шилегов.
Поранешниот министер за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски синоќа на ТВ Алсат рече дека на Конгресот раководството треба да даде отчет за тоа што е сработено, и какви се изборните резултати.
– Имало грешки, немало грешки, воделе добри политики, воделе лоши политики, и врз основа на тоа Конгресот да донесе заклучок за тоа дали органите на партијата можат да имаат или не треба да имаат доверба – рече тој и додаде дека на пратениците на СДСМ не им е сеедно каде ќе се движи партијата.
– Ние 30 години ја градевме партијата и таа е дел од нас. Пратеничката група на СДСМ е многу повеќе СДСМ и многу повеќе ја боли за СДСМ, можеби и од некои членови од раководството – истакна Спасовски.
Ставот на Филипче е дека критиките кон него и кон партијата доаѓаат од „поединци, кои се уценети или купени“, додавајќи дека вистинските членови на СДСМ и поддржувачите ги препознаваат тие обиди да се ослаби опозицијата. Тој порача дека нема намера да се повлече од функцијата бидејќи, како што истакна, неговата главна цел е да продолжи да се бори за „заздравување на општеството, искоренување на корупцијата и враќање на државата на европскиот пат“.
Филипче истакна дека СДСМ останува целосно обединета партија, со синхронизирана и компактна пратеничка група, а дека процесот на внатрешна консолидација во општинските организации е во тек.
Потпретседателката Јована Тренчевска, пак, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 на 19 јануари, изрази уверување дека на Конгресот ќе дојдат мнозинството делегати.
– Верувам дека ќе имаме успешен конгрес на партијата на кој ќе дојдат мнозинството од делегатите – изјави потпретседателката и пратеничка на опозицискиот СДСМ, Јованка Тренчевска, прашана за коментар во врска со информациите што доаѓаат од одредени кругови дека раководството на партијата е пред предизвик да обезбеди успешност на Конгресот бидејќи има одредени кругови во партијата што работат да одвратат дел од делегатите за Конгресот да не успее.
Во декември минатата година целото раководство на СДСМ поднесе оставка освен претседателот Венко Филипче, а тој потег беше на негово барање. Оставка даде и заменик-претседателката на партијата Фани Каранфилова-Пановска.
На конгресот се поканети и екс лидерите Зоран Заев и Владо Бучковски, додека за поранешниот претседател Бранко Црвенковски нема покана бидејќи тој го замрзна членството во СДСМ.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
