СДСМ: Државата не е зрела за укинување на техничката влада
Топ Вести - Слушај сега
Државата не е зрела за укинување на техничката влада.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не учествуваше на лидерската средба бидејќи таа беше поставена со манипулативна агенда и немаше за цел вистински дијалог за реформите и европската иднина на државата, порача потпретседателката на СДСМ и пратеничка Јована Тренчевска, на интервјуто во емисијата „360 степени“.
„Од сето она што го излезе од медиумите и од учесниците на таа лидерска средба, единствено прашање за кое што се разговарало била техничката влада и Законот за прекршоци, а додека сето она што е важно прашање во моментот тоа се реформската агенда, како и кога ќе се донесат законите од она што е наша обврска кон Европската унија, не станало ни збор, само беше во најава“, рече Тренчевска.
Таа додаде дека одлуката на СДСМ да не присуствува беше јасна уште од најавата за лидерската и се покажа дека е исправна. Тренчевска посочи дека СДСМ нема да биде дел од никаков лажен дијалог.
„Не треба да сме од тој лажен дијалог помеѓу опозицијата и позицијата и не смееме да дозволиме да бидеме алиби на едни намери на власта за предвремени избори по однапред подготвено сценарио, не смееме да бидеме алиби на а власта намерата на власта да ја укинува техничката влада. Зошто да бидеме алиби на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори“, рече Тренчевска.
Во интервјуто, Тренчевска посочи дека институциите не се демократски зрели за да се посегне кон укинување на техничката влада, што впрочем се потврди и на последните избори со притисоците што владата на ВМРО-ДПМНЕ ги вршеше преку институциите.
„Во моментот институциите го немаат тој демократски капацитет, ниту пак власта е зрела, демократски зрела за да може да се укине во овој момент техничката власт. Видете го влијанието на Министерството за внатрешни работи и на центрите за социјална работа, односно на Министерството за социјална политика, демографија и млади во општините, на Министерство за земјоделство и како се вршеше притисок врз граѓаните преку овие институции. А овие институции се дел од техничката влада“, рече Тренчевска, додавајќи дека единствено техничката влада може да гарантира минимум услови за фер избори.